Шапуриќ: Општините ќе бидат поттикнати за имплементирање на проектот за управување со отпад

Техничка и институционална подготовка на Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион, се неопходни за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад на регионално ниво. Тоа е остварено во рамки на 24-месечниот проект за управување со отпад во четирите региони, финансиран од Европската унија со 3,58 милиони евра.

-Изработени се изведбените дизајни и другите плански документи, што се предвидуваат за изградба на една регионална депонија со соодветни трансфер-станици за секој од овие региони одделно, рече Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Воспоставувањето на овој систем може да се движи од 24 до 35 милиони евра, во зависност од големината на регионот и бројот на населението, изјави Каранфилова Мазневска.

Бидејќи планската документација е веќе подготвена, посочи таа, следен чекор е општините да се здружат преку меѓуопштински одбори и регионалните центри за управување со отпад и да ја отпочнат постапката за воспоставување и изградба на овој систем, како и затворање на сегашните нестандардни депонии и диви ѓубришта.

Министерот без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима, Зоран Шапуриќ, рече дека ова одржливо управување со отпад би се одвивало во пет до седум регионални центри, во кои би се депонирало само она што не може претходно да се преработи.

– Владата ќе направи се да ги поттикне општините заедно со ЕУ да го поддржат и имплементираат овој регионален пристап. Општините технички се спремни, но треба да се отстранат некои недоразбирања, како и начин за финансирање, изјави Шапуриќ.