НЕСТОРОВСКИ ОСТАНУВА ВО ПАЛЕРМО

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски ја продолжи верноста кон Палермо до 30 јуни 2021 година. Ваквата вест стаса од клубот, чие раководство не го крие задоволството од продолжувањето на договорот. Но, задоволството не го крие ниту Несторовски.

-Среќен сум во Палермо, клубот кој ми укажа чест да ја носам капитенската лента. Сакам да помогнам Палермо да се врати во серија А, каде што му е местото-изјави Несторовски.

Инаку, Несторовски дојде во Палермо од Интер Запрешиќ (Хрватска) и веднаш ја искористи дадената шанса. Тој е главниот адут на сицилијанците за враќање во серијата А. Досега за Палермо во двете конкуренции има одиграно 45 натпревари и постигнато 17 гола.