Италијанскиот писател Клаудио Магрис почесен член на ДПМ

Италијанскиот писател Клаудио Магрис е прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

– Одлуката на ДПМ за прогласување за почесен член на Клаудио Магрис, еден од најголемите современи автори на италијанската и европската книжевност, е во знак на почит кон неговото значајно литературно дело и благодарност за творечките и духовни врски со македонската литература преку преводите на неговите дела објавени на македонски јазик, соопшти македонската писателска асоцијација.

Од обемниот творечки опус на Магрис, на македонски јазик се објавени книгите „Друго море“, во превод на Анастасија Ѓурчинова, „Микрокосмоси“ и „Запрена постапка“, во превод на Марија Грација Цветковска.

– Клаудио Магрис е автор на дваесетина прозни и есеистички остварувања меѓу кои и на култниот роман „Дунав“. Делата на Магрис го поврзуваат личното искуство со колективната меморија, преку плодотворниот дијалог на културите и идентитетите кои опстојуваат на просторот помеѓу Средна Европа и Медитеранот, информира ДПМ.

Од утре до 17 ноември Магрис ќе престојува во Скопје како учесник на манифестацијата Недела на италинаската книга, а Плакетата за почесен член на ДПМ ќе му биде врачена на 16 ноември во 19 часот на книжевна средба во Македонската филхармонија.