Завршна работилница на проектот за управување со отпад за четири региони

Завршна работилница на проектот финансиран од ЕУ за подготовка на потребните документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион ќе се одржи денеска во Скопје.

Целта на работилницата е да се претстават конечните резултати на проектот во однос на воспоставувањето интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во овие четири региони.

Со проектот, во кој беа вклучени 43 општини, треба да се подобри животниот стандард на приближно 1.200.000 жители кои моментално годишно произведуваат 330 илјади тони отпад.

За време на проектот подготвени се повеќе студии и документи, како што се регионални планови за управување со отпад, стратешка оцена на животната средина, физибилити студии, анализи на трошоци, оцена на влијанието врз животната средина, основни проекти и помош при изработка на тендерска документација за договори за работа и набавки за изградба на избрани инсталации за третман и отстранување на отпад, затворање на нестандардни/диви депонии и набавка на опрема за собирање и претовар на отпад во согласност со стандардите на ЕУ.

Проектот е финансиран од ЕУ со времетраење од 24 месеци, со буџет од 3,58 милиони евра.

На денешната работилница најавено е обраќање на министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки.