Заврши гроздоберската сезона во Кавадарци

Во Кавадарци се одбележа крајот на гроздоберската сезона. Синоќа се дегустираа и оценуваа производи од грозје како маџун, вино и ракија. Настанот беше во организација на Здружението “Винотек”, кое се залага за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје, а технички беше поддржан  од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

– Поголемиот број домаќинства во Тиквешијата се занимаваат со лозарство како основна или дополнителна дејност, а еден дел и со производство на вино, ракија и други производи од грозје како што се маџунот, рчелите, слаткото, па и сувото грозје. Самите тие насочуваа дека има потреба завршниот чин во лозарството да се одбележи на одреден начин, со  прикажување  и промовирање на нивните производи, рече Јован Еленов, претседател на “Винотек”.

Тој нагласи дека манифестацијата овозможи да се прикажат потенцијалите во преработката на грозје,  со што, како што додаде,  ќе се охрабрат лозарите грозјето да го преработуват до  финална форма.

-Тоа би придонело до зголемување на  побарувачката од  грозје и зголемување  на неговата продажна цена, подобрување на финансиската придобивка  од него и што е многу важно, би  ги заинтересирало  младите да се определат за овој бизнис, со што би се обезбедила  иднината на лозарството, рече Еленов.

Целта на еден ваков настан, додаде, е  да се прикажат досега постигнатите резултати на малите винарии и индивидуални производители, да се уверат потенцијалните купувачи во квалитетот на нивните производи, што би влијаело на  зголемување на продажбата.